Заев најави награда од 600.000 илјади евра за ракометарите на „Вардар“
Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со ракометарите на ,,Вардар” и најави дека следната седница на Владата ќе предложи доделување на награда од 500.000 евра. Тој додаде и дека Агенцијата за млади и спорт ќе додели дополнителни 100.000 евра, покрај веќе донесената одлука за доделување на 100.000 евра од Советот на Град Скопје. Заев порача и дека е среќен што клубот „Вардар“ постои, повика на сплотеност и додаде дека државата ќе возврати со влог во спортот и преземање на сите потребни мерки за одржливост на клубот.
„Ви честитам за титулата европски шампион, за среќата и радоста која ни ја приредивте, на нас, на граѓаните и на државата. Вие сте шампионите на нашите срца! Докажавте дека преку пријателството, професионалноста, искуството и посветеноста, можете да го направите народот толку среќен! Вие сте гордост на целата наша татковина и на сите граѓани и верувам дека сите ние ќе продолжиме да бидеме мотивација за идните генерации кои доаѓаат“, рече премиерот Заев.
Според него, стратешката цел на Владата е да се гарантира самостојност и развој на спортот, што, како што наведе, веќе се презема со „ваучерскиот систем“, каде се обезбедуваат 6 милиони евра, со тенденција финансиската помош да порасне на 10 милиони евра.
Заев на ракометарите на „Вардар“ им додели плакета како знак за признание за освоената титула, Европски првак во Лигата на шампионите на Европската ракометна федерација за 2019 година. Ракометарите на ,,Вардар” во „Вила Водно“ беа примени и од претседателот Стево Пендаровски.