Увозните такси за Србија ја разнишаа косовската влада
Лидерите на најголемите партии од владејачката коалиција, премиерот Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово (ААК), претседателот на Собранието, Кадри Весели од Демократска партија на Косово (ПДК) и вицепремиерите Фатмир Лимај од Социјалдемократска иницијатива (Нисма) и Беџет Пацоли од Алијансата Ново Косово (АКР), вечерва повторно се собраа на средба кај претседателот на државата Хашим Тачи.
Веста, како што јави дописникот на МИА од Приштина, ја објави агенцијата Косовапрес, напоменувајќи дека ова е втор денешен состанок на косовските лидери, по оној што претпладнево го имаа со американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет.
Извесно е дека цел на средбата е да се најде решение за разликите меѓу коалициските партнери за американското и барањето на Европската унија за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и од Босна и Херцеговина.
Тачи и ПДК на Весели, како и АКР на Пацоли, се залагаат за укинување на таксата, додека упорно на ова барање се спротивставува премиерот Харадинај и неговата ААК, а според медиумите, во тој став го поддржува и партијата на Лимај, Нисма.
Харадинај претходно не ја исклучува можноста од распаѓање на владејачката коалиција, доколку партнерите продолжат да застапуваат спротивни ставови во однос на таксите.
Запрашан од новинарите дали постои опасност коалицијата да се растури, Харадинај одговори дека „доколку политичките недоразбирања продолжат, тоа може да резултира и со други исходи“, а на прашањето колку е таа стабилна, одговори: „Толку колку што е“.
Тој остана упорен на ставот дека таксата кон Србија не треба да се укине сè додека Белград не ја признае независноста на Косово.
Шефот на косовската Влада рече дека ќе даде максимален придонес за постигнување на сеопфатен договор со Србија, но не по цена на размена на територии и формирање заедница на српските општини со извршни надлежности.