Заев - Ако има можности, ќе ги декласифицираме документите од преговорите за името
Премиерот Зоран Заев најави дека ако постојат законски можности ќе им препорача на институциите да бидат декласифицирани документите од преговорите за името со Грција, од 1992 година до склучувањето на Договорот од Преспа.
„Ако постојат можности во соодветен момент којшто не би нанел штета на државата ниту на односите со Грција, лично би им препорачал на институциите да ги декласифицираат и објават податоците“, рече Заев во одговор на пратеничко прашање од пратеничката Нола Исмајловска Старова.
„Ако објавиме, ќе објавиме сè што постои, секако ако тоа е возможно и со тоа мислам дека ќе им помогнеме на граѓаните да им биде полесно во целата постапка знаејќи сè што се случувало наназад и сè што се случуваше во конечниот дел од разговорите“, дополни Заев.