Лазаревски во системот за прислушување влегол во 2008
„Свиркачот“ Ѓорѓи Лазаревски, од МВР, во Оперативниот систем за прислушување влегол со лозинска и корисничко име и го ископирал тоа што му требало. За корисничко име го искористил главниот администраторски влез во системот. Тој денеска во Кривичниот суд сведочеше во случајот Таргет - Тврдина“.
„Никаква друга активност во системот не направив, освен копирањето на посочените логови“, потенцира Лазаревски.
Системот за следење бил набавен во 2000 година и логовите биле незаштитени за администраторот, бидејќи бил пионерски модел на Веринд и за да биде конкурентен била жртвуван дел од безбедноста.
Лазаревски рече дека првпат неовластено влегол во системот во 2008 година. При тоа го употребил корисничкото име на главниот администратор што го користел уште од 2000 година.
Лазаревски денеска е испрашуван од адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, а на почетокот од своето сведочење тој кажа дека во своето работење во Петата управа во МВР бил под постојан мобинг од Горан Грујовски, иако негов надреден бил Небојша Стајковиќ.
На прашање од Шврговски зошто бил унапреден во главен инженер ако бил под мобинг, Лазаревски рече дека тоа било направено во 2012 година заради успешното воведување на системот за интегрирана гранична контрола и на барање на ЕУ. Претходно, во 2006 година, тој бил деградиран за пет скалила, а тоа е периодот веднаш по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ.
Временскиот интервал на функционирањето на стариот и новиот систем за следење на комуникациите и можноста за нивно преклопување го предизвикаа поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков да го преземе испрашувањето на Лазаревски на денешното рочиште.