ЗНМ со осуда за изјавите на Османи и Поповски
Jавните функционери, особено министрите, треба да се воздржат од изјави кои што на било кој начин може да се сфатат како закани или како етикетирање на медиумите, реагира денеска Здружението на новинари по вчерашната изјава на вицепремиерот Бујар Османи.
ЗНМ го осудува обидот за притисок врз медиумите на Османи. Вицепремиерот говорејќи за скандалот во ПИОМ вчера се закани со тужби до сите медиуми кои овој скандал го поврзуваат со функционери на ДУИ.
„Напоменуваме дека работа на медиумите е да истражуваат и изразуваат сомневања за сите функционери, без разлика од која партија доаѓаат, а владините претставници, во случајов Вицепремиерот кој е задолжен за евроинтеграциите, треба да се воздржат од закани со тужби во духот на слободниот говор за кој декларативно се залагаат, “ се вели во реакцијата на ЗНМ.
Оттаму реагираат и на изјавата на министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски кој на последната прес- конференција во Влада сугерираше дека во ТВ Алфа има влијание на структури од претходната власт. Од ЗНМ велат дека коментари со кои на политичка основа се етикетираат медиуми, не придонесуваат за подобар медиумски амбиент и европски вредности.