Заев во Давос ќе се сретне со Хан
Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, кој учествува на годинашниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, денеска треба да се сретне со еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан, соопшти владината прес-служба.
Заев на форумот во Давос, на кој и оваа година учествуваат шефови на држави и влади, други државни претставници, како и лидерите на најголемите компании во светот, ќе има повеќе работни состаноци и билатерални средби со потенцијални инвеститори, бизнис лидери и соработници.
Шефот на македонската Влада ќе учествува на дебата „Креирање на силно партнерство за економски раст и мир на Западен Балкан“, на форумот „Иднината на Трансатлантската алијанса“, како и на други форуми и дебати за поврзување во светот на глобалната архитектура на економиите, се вели во соопштението.