Aгенцијата „Фич” го потврди кредитниот ББ рејтинг на Македонија
Aгенцијата „Фич” соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ, со позитивен изглед, информираше македонското Министерство за финансии.
„На потврдата на рејтингот ББ влијаеjа историјатот на кохерентна макроекономска и финансиска политика, која го поддржува долготрајниот фиксен девизен курс. Позитивниот изглед ја одразува стабилизацијата на политичкото окружување, што резултирало со суштински напредок кон членството во ЕУ и зголемена економска доверба“, соопшти Министерството за финансии.
Во извештајот, „Фич“ го нотира значителниот напредок во решавањето на проблемот со името со Грција, односно усвојувањето на уставните измени во Македонија и очекуваното усвојување на договорот од страна на Грција. Според „Фич“, ова ќе го асфалтира патот на Македонија кон членство во НАТО и ќе го поддржи почетокот на формални преговори за членство во ЕУ. Притоа, се забележува дека целиот процес го истакнува и подобрувањето на политичкиот амбиент во Македонија, односно дека процесот се реализирал без негативен ефект врз политичката стабилност и со широка поддршка од меѓународната заедница.