САД и Пакистан разговараат за мир во Авганистан
Американскиот мировен пратеник Залмај Калилзад разговарал со пакистанскиот премиер Имран Кан и со други официјални претставници, во врска со обновените напори да се најде решение за 17-годишната војна во Авганистан.
Пакистанската влада објави неколку детали од разговорите на Кан со Калилзад, наведувајќи дека Исламабад е посветен да го олесни мировниот процес во Авганистан.
Во соопштението се вели дека Калилзад го информирал Кан за неговите неодамнешни посети во регионот за да добие поддршка за процесот на помирување во Авганистан.
Вашингтон го притиска Пакистан да го искористи своето влијание за да ги убеди талибанците да се состанат со американските и авганистанските власти. Но пакистанските власти велат дека нивното влијание врз Талибанците е преценето, но дека ќе сторат сè што е можно да се постигне мир.
На неговите претходни патувања во регионот, Калилзад се состана со претставниците на Талибанците, а средбата беше во Катар.
На 17 јануари, авганистанскиот претседател Ашраф Гани го повика Кан да разговараат за тоа како да се унапреди мировниот процес.