Меѓународна криминална група ограбувала банки во Македонија
Меѓународна криминална група составена од четворица Украинци, Молдавец, Казахстанец и Американец, извршиле 19 тешки кражби во Македонија од граѓански сефови во филијали на банката „Шпаркасе“ и Централната кооперативна банка во Скопје, при што се стекнале со противправна имотна корист од над 105 милиони денари во пари, накит и други вредни предмети, соопшти Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Од Обвинителството наведуваат дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против седумте лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Тешка кражба од Член 236 и кривично дело Злосторничко здружување од Член 394 од Кривичниот законик.
Осомничените во периодот од јули до ноември 2017 година извршиле закуп на граѓански сефови во различни банки на различни места во Скопје со цел да ги проценат околностите и системот на безбедност на банките, притоа користеле лажни идентитети и во одреден период секојдневно ги посетувале филијалите во кои имале закупени сефови.
Тие ги користеле моментите без присуство на службено лице и со специјални уреди ја снимале внатрешноста на бравите на сефовите и потоа изработувале клучеви – калаузи за нивно отворање, велат од Обвинителството.
„Одземените вредни предмети од сефовите биле изнесени од Република Македонија, поединечно од секој член од групата, на различни гранични премини и во различни временски периоди“, велат од ЈОРМ.
Откако биле добиени пријави дека недостасуваат пари од сефовите, од страна на МВР во соработка со Европол и Интерпол биле преземени мерки за расчистување на случајот.
Криминалната група вршела тешки кражби и во други земји, а до овој момент еден од осомничените е лишен од слобода во Латвија, а двајца во Таџикистан.