Помпео пристигна во посета на Египет
Американскиот државен секретар Мајк Помпео пристигна во Каиро на разговори со египетските лидери. Посетата на Египет е дел од неговата турнеја низ девет земји на Блискиот Исток со цел да ги увери арапските партнери дека САД не го напуштаат регионот.
Посетата на Помпео доаѓа во услови на несигурност околу плановите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на американските војници од Сирија.
Помпео денеска се среќава со египетскиот претседател Абдел-Фатах ал-Сиси и со министерот за надворешни работи Самех Шукри на разговори за безбедносната и економска соработка. Исто така, се предидува да одржи говор за пошироките цели на Вашингтон на Блискиот Исток.
Помпео дојде во Египет по посетите на Јордан и на Ирак, каде што се обидуваше да убеди лидерите дека повлекувањето од Сирија не значи дека САД ја напуштаат борбата против Исламската држава или олабавување на притисокот кон Иран.
По Египет, Помпео ќе ги посети државите од Персискиот Залив.