Продолжува собраниската седница за уставните амандмани
![Продолжува собраниската седница за уставните амандмани](https://gdb.rferl.org/80CF2BDC-3722-45BB-9069-6573A7E1F2BF_cx7_cy0_cw83_w800_h450.jpg)
Седницата на Собранието на Македонија на која треба да бидат донесени уставните амандмани за имплементација на Договорот од Преспа со Грција продолжува денеска во 13 часот. Вчера премиерот Зоран Заев образложувајќи ги уставните амандмани го повтори ставот дека со нив „се загарантирани македонскиот идентитет, македонскиот јазик, Македонец, и дека Грција еднаш за секогаш го признава нашето право на самоопределување“. Пратениците треба да го утврдат предлогот на амандманите кој се донесува со 61 глас, потоа донесување на амандманите, па прогласување на амандманите за кое е потребно 80 пратеници и дополнетиот прелог на Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани, за што исто така е неопходно двотретинско мнозинство гласови. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред седницата, зборувајќи пред Собранието, кажа дека пратениците од неговата партија нема да учествуваат на финалната собраниска расправа за уставните измени за да не му дадат легитимитет на целиот процес на менување на Уставот. Потоа тој и дел од сопартијците му се придружи на протетсот на „Тврдокорните“ и „Македонија блокира“, но одби да говори иако беше повикан од организаторите да зборува на бината. Пред Собранието имаше и протест против уставните измени на „Тврдокорни“ и „Македонија блокира“, на кој МВР приведе двајца демонстранти оти се обиделе да ја пробијат оградата. Протестот продолжува денеска од 12 часот.