Болтон – Повлекувањето на американската војска од Сирија е условено
Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Џон Болтон, денеска рече дека повлекувањето на американските војници од Сирија е условено со поразот на остатоците на Исламската држава, како и од турските гаранции за безбедност на курдските борци, кои се сојузник на САД. Болтон, кој е во посета на Израел, наведе дека не постои одреден временски распоред за повлекување, но и дека не станува збор за неограничено преземање обврски. Според него, „распоредот произлегува од политичките одлуки кои треба да се применат“.
Претседателот Трамп, во видео порака објавена на Твитер на 20 декември, рече дека американските војници „сите се враќаат и се враќаат сега“.
Овие коментари на Болтон се прва јавна потврда за забавувањето на најавеното повлекување, кое предизвика жестоки критики од страна на американските сојузници и оставка на министерот за одбрана Џејмс Матис.