Севернокорејски дипломат во Италија се крие
Вршителот на должноста амбасадор на Северна Кореја во Италија, Џо Сонг Гил од ноември се крие со својата жена, им кажале денеска претставници на разузнавачката служба на јужнокорејските пратеници. Пребегувањето на припадник на севернокорејската елита би било големо понижување за лидерот на таа земја, Ким Џонг Ун, додека тој води преговори со Сеул и со Вашингтон и се обидува да се претстави како играч во меѓународната политика.
Јужнокорејскиот пратеник Ким Мин-ки изјави дека претставник на Националната разузнавачка служба им ги кажал податоците за пребегувањето на брифинг затворен за јавноста. Тој не кажа дали разузнавачот им кажал каде се наоѓа севернокорејскиот дипломат и дали планира да пребегне во Јужна Кореја, но дека дипломатот не контактирал со службите во Сеул.
Разузнавачката служба претходно одбиваше да ги потврди наводите на јужнокорејските медиуми дека Џо Сонг Гил се наоѓа под заштита на италијанската влада и дека бара азил во една западна земја.
Разузнавачот им кажал на пратениците дека дипломатот и неговата жена ја напуштиле својата резиденција на почетокот на ноември, неколку недели пред истекот на мандатот.
Џо Сонг Гил стана в.д. амбасадор, откако Италија во септември 2017 година го протера амбасадорот Мун Џонг Нам во знак на протест против севернокрејската нуклеарна проба.
Засега нема коментар за овој случај од Пјонгјанг.
Северна Кореја е многу чувствителна по прашањето на пребегувањата, особено меѓу дипломатите. Пјонгјанг и претходно тврдеше дека работи за јужнокорејски или американски обиди да се продре во власта.
Во 2016 година, во Јужна Кореја избега севернокорејскиот дипломатски претставник во Лондон. Властите го нарекоа „човечки олош“ и соопштија дека го направил тоа за да избегне казна за тешки злосторства.