Прогласена епидемија на морбили во Скопје
Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили или мали сипаници на територија на градот Скопје поради 12 нови случаи.
„Прогласена е епидемија на мали сипаници во Скопје и принудени сме од утре да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани со МРП вакцина во градинките“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Шест од новите случаи се потврдени со соодветни анализи, а за останатите 6 анализите се очекуваат утре. Од новите случаи повеќето се деца, но има и возрасни, а сите се невакцинирани лица со МРП вакцината.
Од новите случаи има по еден заболен во Кисела Вода, Гази Баба и Аеродром, а тројца во Бутел. Од сомнителните случаи двајца се во Аеродром, по еден во Центар, Бутел и Ѓорче Петров.
Според зборовите на министерот здравствените власти ја држат под контрола ситуацијата со малите сипаници и се прават увиди на сите пунктови за вакцинирање.
„Од 15.000 невакцинирани деца под 14 годишна возраст со повиците за вакцинирање, само 310 се вакцинираа што е исклучително мала бројка“, рече Филипче.
Тој потенцира дека во Србија и Романија има епидемија на морбили и рече дека станува збор за исклучително опасна и смртоносна болест. Додаде дека во Србија починале 30 лица, а во Романија – 50.
Лекарите ја критикуваат антивакциналната кампања и апелираат да не се одложува вакцинирањето.
Морбилите се сметаат за тешко заболување, може да предизвикаат тешко воспаление на белите дробови и менингитис.