Над пет милиони жени на протест за родова еднаквост во Индија
Неколку милиони жени формираа над 600 километри долг човечки синџир во јужната индиска држава Керала во знак на поддршка за еднаквост меѓу половите и како одговор на протестот на хинду свештениците и конзервативците кои им забрануваат на девојчињата и на жените од 10 до 50 години да влезат во еден од најголемите хиндуистички храмови во светот.
Комунистичката партија на Индија, која е владејачка партија во Керала, соопшти дека на вчерашниот протест учествувале 5,5 милиони жени.
Протестот го организира локалната влада, откако конзервативни демонстранти ги спречуваа жените да влезат во вековно стариот храм Сабаримала.
Влезот за жени од 10 до 50 години во хранот неформално беше забранет многу години, а забраната во 1972 година беше преточена во закон. Судот на државата Керала во 1991 година ја поддржа забраната, но Врховниот суд на Индија ја укина во 2018 година.