Американските сили во Авганистан стигнаа до урнатиот авион
Американските сили со хеликоптер дошле до остатоците од урнатиот американски воен авион во авганистанскиот регион Газни, потврдија американските и авганистанските власти. Хеликоптерот се спуштил на територијата која е под контролана талибанците, во снежниот дел на источен Авганистан. Американските сили биле во придружба на авганистански војници за време на операцијата.
Претходно истиот ден, авганистанските сили што се обидоа да стигнат до остатоците од авионот се судрија со милитантите.
Американската војска соопшти дека бомбардер Е-11А се урна во провинцијата Газни. Авионот се урна вчера, а во првите часови по падот имаше различни информации дали се работи за патнички или воен авион.
Авганистанските власти соопштија дека американските сили зеле најмалку две тела од местото каде се урнал авионот.
Пентагон потврди само дека авионот им припаѓал на американските сили, но ги отфрли изјавите на талибанците кои тврдат дека авионот е соборен. Војската не соопшти колку лица се наоѓале во авионот и дали има жртви.
Портпаролот на талибанците, Забихулах Муџахид изјави дека талибанските борци изброиле шест тела на местото на несреќата.