Кина затвора градови во обид да го спречи ширењето на вирусот
Единаесет града во кинеската провинција Хубеи се затворени во обид да се воспостави контрола врз ширењето на новиот вирус од кој починаа најмалку 25 луѓе, а се заболени повеќе од 830 лица. Од вчера е суспендиран поголемиот дел од транспортот во градот Вухан кој има 11 милиони жители.
Властите наредија задолжително носење маски и го советуваа луѓето да избегнуваат собири и јавни настани. Според државните медиуми најмалку десет други градови во Хубеи го забранија транспортот, а главниот град Пекинг ја откажа прославата за кинеската нова година.
Вирусот се прошири и надвор од Кина, а последни земји во кои има регистрирано случаи се Сингапур, Саудиска Арабија и Виетнам. Светската здравствена организација вчера одржа вонреден состанок по кој соопшти дека смртоносниот вирус сè уште не е глобална здравствена закана.