Спасовски му честита на Мишустин за изборот за премиер на Русија
Премиерот Оливер Спасовски денеска на средбата во Владата со амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин му предал писмо со честитки до
новоизбраниот руски премиер Михаил Мишустин. Спасовски, како што се наведува во владиното соопштение, изразил уверување дека двете влади ќе продолжат да соработуваат на натамошно унапредување на односите и продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Русија, во сите области од заемен интерес.
На средбата Спасовски го запознал Баздникин со приоритетите на Владата при што ги нагласил организацијата и спроведувањето на предвремените избори, како и евро-атлантските и европските интеграции.
Долниот дом на рускиот парламент вчера го избра Мишустин за нов премиер. Тој беше номиниран од претседателот Владимир Путин откако претходно владата на досегашниот, Дмитри Медведев поднесе оставка.