Заев за законот за ЈО, се надева на поддршка од осумтемина од ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев е оптимист дека пред распуштање на Парламентот кое би требало да се случи во првата половина на февруари ќе се донесе законот за јавното обвинителство. Тој денеска, пред средбата со бизнис заедницата во Стопанската комора на Македонија, го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да најдат заедничко решение. Донесувањето на законот, истакна Заев, е обврска на сите, пред се кон граѓаните, а најмногу надеж има, како што рече, во пратеничката група на осумте независни пратеници. Во новото законско решение, дополни, веќе го нема СЈО.
„СЈО е со гарантирани предмети. Тие се под надлежност на државниот обвинител и во судска постапка. Релаксирани од тоа, треба да седнеме и да изнајдеме законско решение“, рече Заев.
Новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји, кој неделава беше во Скопје, рече дека земјата е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ, но додаде и дека до самитот на унијата во мај во Загреб приоритет треба да биде донесувањето на Законот за јавно обвинителство. Вархеји нагласи и дека очекува тоа да го направи актуелниот парламентарен состав. Собранието, пак, треба да се распушти на 11 февруари за да се овозможи да се одржат предвремените парламентарни избори договорени за 12 април.