Спасовски-Брнс: Силна американска поддршка за реформите на Владата
Силна поддршка за реформските процеси во земјава, за стабилноста и безбедноста, но и за интеграциите во ЕУ и НАТО изразила денеска американската амбасадорка Кејт Брнс на средбата со техничкиот премиер Оливер Спасовски, се наведува во владиното соопштение по средбата на Брнс и Спасовски.
Од кабинетот на премиерот соопштуваат дека било констатирано дека периодот на преодната влада во наредните неколку месеци бара ангажман и одлучност од сите страни, за остварување на големите цели, Република Северна Македонија да биде потврдена како 30-та активна земја членка на НАТО и отпорна растечка демократија на патот кон Европската Унија.
Оценето е дека нашата држава во претстојните парламентарни избори влегува со многу подобра институционална стабилност и дека е важно таквата позиција да се сочува. Во таа насока, биле изразени очекувања дека сите во Владата, во институциите, сите политички субјекти, ќе бидат на ниво на задачите, со цел натамошна стабилност и сигурност и остварување на стратешките цели, за добрата иднина на државата и граѓаните.