Случај „ТНТ“- судијата нареди Трајковски присилно да биде донесен во Судот
Поранешниот градоначалник на скопската општина Гази Баба Тони Трајковски, обвинет во случајот “ТНТ’, утре ќе биде спроведен во Кривичниот суд со стражар, бидејќи денеска не се појави на почетокот од судењето за овој случај. Судијата Огнен Ставрев, рече дека Судот го смета за уредно поканет, иако неговиот адвокат Јовица Страшевски, рече дека немал добиено покана за денешното рочиште.
„За Тони Трајковски за следното рочиште има наредба до МВР за присилно спроведување на Суд, а доколку вака продолжи ќе има уште построги мерки“, рече Ставрев.
Судењето за предметот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цановски денеска почна од почеток, откако Судот доби писмено барање од судијата – поротник Лилјана Ивановска Кочковска, со кое таа дава неотповиклива отставка. Претходно, двајца адвокати постојано пишуваа писма во кои бараа поротничката да се повлече поради тоа што треба да биде во пензија, што судот го сметаше за закана и притисок. Денеска судијата Ставрев го претстави новиот состав, во кој сега има тројца нови судии поротници, меѓу кои еден е резервен.
За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.