Кривичен суд: предупредувањата за одолговлекување на „ТНТ“ излегоа на виделина
Предупредувањата на Кривичниот суд за евентуални притисоци и закани како и обиди за одолговлекување на постапката во предметот „ТНТ“, а за кои Судот побара да бидат преиспитани од надлежните институции, денеска излегоа на виделина, се наведува во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Судот, соопштението, го објави веднаш по одложувањето на денешното рочиште за „ТНТ“ до кое дојде откако поротничката Лилјана Ивановска Кочковска даде неотповиклива оставка со што предметот се врати од почетокот. Инаку со денови Јовица Страшевски и Мерџан Даути, адвокати на обвинетите Тони Трајковски и Елизабета Најдовска, пишуваа отворени писма и бараа Ивановска Кочковска да се повлече оти требала да оди во пензија, а судот во тоа гледаше закани и притисоци и обид за одолговлекување на процесот.
Сега судот наведува дека ќе продолжи со постапување по предметот и заради тоа обезбеден е нов поротник како и резервен поротник. Во случајот „ТНТ“ обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.