Трамп најави санкции против Иран – САД се подготвени на сè, но Техеран се смирува
„Нашите величествени американски сили се подготвени на сè, но се чини дека Иран се смирува“, рече тој.
Иран ноќеска изврши балистички ракетни напади насочени кон две американски бази во Ирак. Тоа, како што се наведува во Техеран, било одмазда за убиството на генералот на Револуционерната гарда Касем Солејмани, кој беше убиен во американски воздушен напад.
Трамп најави нови моќни економски санкции против Иран, кои ќе бидат на сила додека Техеран не го промени однесувањето. Според него, Иран мора да ги напушти нуклеарните амбиции и финансирањето тероризам. Трамп рече дека иранската „кампања на терор и убиства“ нема да биде толерирана.
Тој рече дека иранскиот генерал Касем Солејмани, кој беше убиен во американски воздушен напад во петокот, бил немилосрден терорист, одговорен за многу злосторства и кој требало одамна да биде елиминиран.
„Тој планираше нови напади врз американски цели, но го запревме“, рече Трамп.
Американскиот претседател смета дека непријателствата од страна на Иран се засилија по потпишувањето на нуклеарниот договор со шесте светски сили, кој тој го напушти.
Трамп исто така најави дека ќе побара од НАТО повеќе да се вклучи во блискоисточниот процес и дека САД се подготвени да прифатат мир со сите што го бараат тоа.
