Британската морнарица ќе ги придружува своите танкери низ Ормускиот Теснец
Британската морнарица ќе ги придружува бродовите кои пловат под британско знаме низ стратешкиот Ормуски Теснец, поради зголемените регионални тензии по убиството на иранскиот генерал Касем Солејмани во американски воздушен напад.
Британскиот министер за одбрана Бен Валас вчера соопшти дека наредил воените бродови Монтроус и Дефендер да се подготват за мисијата за придружба во важниот морски пат за транспорт на нафта.
Премиерот Борис Џонсон претходно наиде на критики поради тоа што не зазема став за американското убиство на Солејмани. Медиумите објавија дека тој е на одмор на Карибите.
Британија минатата година ги придружуваше своите бродови на излезот од Персискиот Залив, откако иранските командоси запленија танкер кој пловеше под британско знаме во теснецот.
Валас исто така разговарал со американскиот секретар за одбрана Марк Еспер и побарал воздржаност од сите страни, по иранските закани за одмазда, откако иранскиот генерал Касем Солејмани беше убиен во американски воздушен напад во Багдад.
Сепак, Валас застана во одбрана на американскиот напад врз лидерот на силите Кудс, кои, според САД, се терористичка организација.
„Според меѓународното право, САД имаат право да се бранат од оние кои претставуваат непосредна закана за нивните граѓани“, рече Валас.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека нападот е извршен за да се спречат нападите што ги планирал Солејмани.