Констатирана оставката на премиерот Заев
Собранието на Република Северна Македонија денеска ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, поднесена по договорот на политичките партии во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12 април. Се очекува до полноќ Собранието да ја изгласа техничката Влада, која ќе ја предводи Оливер Спасовски и која од утре, па во следните сто дена треба да ги организира изборите.
Заев не ја образложи оставката пред пратениците, но во документот доставен до Парламентот наведе дека ја поднесува по договорот на лидерите на партиите за избори на 12 април 2020 година.
Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери претпладнево соопшти дека оставката на Заев ја доставил до претседателот на државата Стево Пендаровски, кој треба да му го врачи мандатот на Спасовски. Од кабинетот на Пендаровски соопштија дека мандатот на Спасовски ќе му го даде во 13 часот и 45 минути.
Потоа актуелниот министер за внатрешни работи Спасовски како иден технички премиер треба до Собранието да достави состав на новата техничка Влада и програма за работа. Во таа влада, според Договорот од Пржино има двајца министри и тројца заменици од ВМРО-ДПМНЕ.