Завршни зборови за нападот врз Села на 6 јуни
Судењето за случајот за нападот врз Села во Собранието на РМ продолжува со завршни зборови на 6 јуни. На денешното рочиште заврши доказната постапка откако беа прегледани една нова дополнително поднесена видео снимка и два претходно изнесени пред Судот видео записи.
За случувањата на 27 април обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.
На почетокот на рочиштето Судот, на предлог на одбраната го дозволи повторното емитување на две снимки од доказите предложени и веќе еднаш гледани пред Судот, со цел утврдување на дел од случувањата во Собранието на 27 април.
На првата снимка се гледа движењето на обвинетите и сведоците во ходникот пред собранискиот прес центар. На втората снимка, пак, се гледаат скалите од пред влезот во Собранието што водат кон просторот пред прес центарот и се нотира движењето на обвинетите.
Обвинителот Дарко Јакимовски рече дека по новата снимка ќе го анализира предметот и можно е да направи измени во описот на обвинението.