Кабинетот на Ципрас: Ако нема ерга омнес и уставна ревизија, дискусијата за какво било име е празна содржина
Дискусијата за какво било име е празна содржина, ако прво не се исполнат предусловите на Владата, коментираат од кабинетот на грчкиот премиер во врска со натписите во медиумите и ги споменуваат грчките позиции за ерга омнес име и уставна ревизија.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во соопштението испратено до медиумите, ја повторуваат вчерашната изјава на Алексис Ципрас по средбата со Зоран Заев дека поминат е голем дел од патот, но сѐ уште постои растојание што треба да се помине.
“Оттука, дискусијата за какво било име е празна содржина, ако прво не се исполнат двата основни предуслови, што ги има поставено владата, следејќи ја националната линија од почетокот на преговорите за името” наведуваат од кабинетот на Ципрас набројувајќи ги двата услова:
1.Ерга омнес со уставна ревизија е неопходен предуслов за да постои договор.
2.Спроведувањето на уставната ревизија е неопходен предуслов за интеграција во меѓународните организации (ЕУ-НАТО)”, соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер.