Средба на парламентарните партии во рамки на „Жан Моне“ процесот
Со работна вечера зад затворени врати во Охрид почна парламентарната средба во рамки на процесот „Жан Моне“, инициран од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан. Вечерата е вовед во состаноците на координаторите на парламентарните партии предвидени за денеска, а со цел подобрување на парламентарниот дијалог и спроведување на европската агенда на земјата. Деловникот за работа на Собранието, Етичкиот кодекс, буџетската независност на македонското Собрание, се дел од прашањата што се очекува да бидат дискутирани во рамки на процесот. На вечерата, на која преку видео-врска се обрати еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан, предвидено е да се разговара за централната улога на Собранието во реформската агенда за интеграција во ЕУ. Европратеникот Иво Вајгл пред почетокот на вечерата рече дека се работи за средба на парламентарците од Собранието со пратеници на Европарламентот, со цел во отворена атмосфера да се разговара без присуство на јавноста, за сите проблеми за кои можеби не е постигнат консензус.Агендата на процесот предвидува учество на сите парламентарни партии од земјата, во формат партиските координатори и по тројца пратеници, како и потпретседателите на Собранието.