Хан убеден дека може да се најде решение за спорот за името
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за грчкиот весник „Та неа“, изрази убеденост дека може да се постигне решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција. Според него, самитот во Софија нема да биде одлучувачката точка за тоа дали ќе има решение, туку тоа што е важно во процесот е квалитетот на договорот.
„Доколку е изводливо во Софија, ќе биде уште подобро. Но, најважна е одлучноста на двајцата лидери да стигнат до компромис прифатлив за двете земји. Решението не е добро само за Македонија, туку и за целиот регион“, посочува Хан.
Тој посочува дека на претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан во Софија, уште еднаш ќе се потврди европската перспектива на земјите од регионот и ќе има и конкретни проекти.