Русија го поздрави тврдењето дека во Чешка се произведувал новичок
Кремљ ја поздрави изјавата на чешкиот претседател Милош Земан дека мала количина од нервниот гас новичок била произведена во неговата земја. Според Кремљ, со тоа се поткопуваат тврдењата на Британија дека за нападот на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка стои Русија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков изјави дека тврдењата на Земан се „елоквентна илустрација на неодржливата позиција" изнесена од Британија. Земан изјави дека знаат каде и кога бил произведен новичок и лицемерно е да се преправаат дека тоа го немало во Чешка.