ДИК подготвена за избори по кој било модел
Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, изјави дека Комисијата е подготвена да спроведе парламентарни избори по кој било модел за кој ќе се договорат политичките партии. Тој вели дека Избирачкиот список е во ред и оти во него нема т.н. фантомски гласачи.
„Во список во кој има над 1,8 милиони избирачи ќе може да се најде некоја недоследност, но сето тоа е сведено во една разумна рамка“, рече Деркоски, одговарајќи на новинарски прашања пред презентацијата на Извештајот за мониторингот на Претседателските избори во 2019 година спроведен од страна на набљудувачи со попреченост.
Претседателот на ДИК изјави дека како Комисија сакаат да има промени во начинот на гласањето на дијаспората, односно да се овозможат нови начини за гласање, за да се заштедат пари.