Семејствата на жртвите од несреќата кај Ласкарци бараат отштета
Семејствата на дел од оштетените во автобуската несреќата кај Ласкарци на денешното судење во Основниот суд во Скопје се изјаснија дека се приклучуваат на кривичниот прогон и побара отштета. На денешното рочиште се произнесуваа дел од оштетените, повеќето претставници на семејствата на починатите патници. Произнесувањето ќе продолжи и на следното рочиште закажано за 18 октомври, кога треба да сведочат преживеаните патници.
Во автобуската несреќа во февруари кај селото Ласкарци, загинаа 16 луѓе, а 37 беа повредени. За несреќата обвинети се шест луѓе - сопственикот на „Дурмо турс“ Дурмиш Белули и Ремзи Мифтари вработен во фирмата, возачот на автобусот Маноил Трифуновски и тројца вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски.