Главниот телохранител на папата поднесе оставка
Доменико Џани, долгогодишниот шеф на обезбедувањето во Ватикан и главен телохранител на папата Франциск, денеска поднесе оставка поради истекување на информации за истрагата за наводните финансиски малверзации.
Оставката на Џани, поранешен припадник на италијанската тајна служба, следува по претресот што неговите луѓе го извршија на 2 октомври во две клучни одделенија во Ватикан Управата за финансиски информации и Државниот секретаријат. Како што јавуваат агенциите, во Ватикан владее вознемиреност поради истекување на интерни полициски објави со фотографии на петмина службеници во Ватикан, вклучително и двајца вработени во Управата за финансиски информации и еден монсињор од Државниот секретаријат.
Извори во Ватикан наведуваат дека папата Франциск е лут поради тоа што информацијата за таквата објава, која наликува на леток со „најбараните“ лица, се појави во јавноста, пренесе „Ројтерс“. Папата нареди истрага за истекување на информациите.