Седница на Советот за безбедност за турската офанзива во Сирија
Турски воени авиони ги бомбардираат курдските позиции во почетокот на офанзивата во североисточна Сирија која почна денеска, а неколку силни експлозии се слушнале во сирискиот град Рас Ал Аин на границата со Турција.
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган претходно денеска на социјалната мрежа Твитер објави дека почнале офанзива заедно со Сириската национална армија, а целта се курдските милитанти и Исламска држава.
Силите предводени од Курдите кои што ја имаат контрола во североисточна Сирија соопштија дека во воздушните напади загинале двајца цивили, а други двајца се повредени. Сириските демократски сили преку соопштение побараа од сите земји и меѓународната коалиција да ја спречат ситуацијата која може да предизвика хуманитарна криза.
Според неименувани дипломати Советот за безбедност на Обединетите нации ќе одржи седница зад затворени врати. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Рим рече дека воената операција мора да воздржана и дека многу е важно да не се предизвика понатамошна дестабилизација на регионот. Тој нагласи и дека е легитимна загриженоста на Турција и дека земјата претходно го известила НАТО за операцијата против курдските бунтовници во Сирија. Според Столтенберг каква било акција на Анкара во Сирија мора да биде пропорционална и одмерена.
Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер побара од Турција да се откаже од воената операција и предупреди дека ЕУ нема да плаќа за Анката да воспоставела безбедносна зона во тој регион. Унијата и плаќа на Анкара шест милијарди евра помош за речиси четири милиони бегалци од Сирија кои се на нејзина територија.
Американскиот претседател Доналд Трамп во соопштението што го објави Белата куќа наведува дека турската интервенција во Сирија е лоша идеја и оти Вашингтон не го поддржува нападот. Трамп пишува дека Турција се обврзала дека ќе осигура оти нема да дојде до хуманитарна криза и дека тие очекуваат тоа да биде исполнето. Турската офанзива следува денови откако Трамп објави дека ќе ги повлече американските сили од областа.