Вучиќ: Брисел бара формирање на Заедница на српски општини
Српскиот претседател Александар Вучиќ, по средбата со косовскиот претседател Хашим Тачи, во Брисел изјави дека Европската унија и порачала на косовската страна дека мора да го исполни договорот за формирање Заедница на српски општини. Сепак тој изрази скептицизам дека тоа и ќе се исполни.
“Албанците ќе речат дека ќе го направат тоа следната недела, по стоти пат. Но тоа нема да се направи“, изјави Вучиќ.
Тој посочи дека во текот на разговорите биле анализирани точките од седум до 15 од Бриселскиот договор кои Србија ги исполнила, но дека првите шест кои требало да ги исполни косовската страна - не се исполнети и оти тоа „не е вина само на Албанците“.
Вучиќ изјави дека на високата претставничка за безбедносна и надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини и порачал оти Србија е на европскиот пат и дека ќе направи се што може на тој пат, но нема да се укине сама себе.