Ердоган: Турција нема да се откаже од купување руски системи
Турција нема да се откаже од купување на противвоздушните ракетни системи С-400 од Русија, дури и во случај САД да воведат санкции кон неа, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Ердоган нагласи дека Вашингтон не рекол ништо за грчката набавка на ракетните системи С-300 од Русија, а сега вели дека нема да и дозволи на Турција да купи комплекси С-400, оценувајќи го таквиот договор како грешка и заканувајќи се со санкции кон Анкара.
“Ние немаме намера никому да даваме отчет. Решително ќе одиме по исправниот пат во остварувањето на нашите цели,” додаде турскиот претседател.
Анкара и Москва во ноември 2016 година соопштија дека водат преговори за продажба на руски ракетни системи С-400 на Турција. Договорот за купопродажба беше склучен на 12 септември 2017 година. По набавката на системот, Турција ќе стане првата земја членка на НАТО што ќе поседува противоздушни ракетни комплекси С-400.