Јункер - ЕУ се обидува да избегне зајакнување на улогата на САД и на Русија на Западниот Балкан
Европската унија се обидува да избегне зајакнување на улогата на САД и на Русија во земјите од Западниот Балкан, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во интервју за телевизија „Еуроњус“.
„Кога станува збор за пристапувањето на земјите од Западниот Балкан, за проширувањето, тие (САД) немаат право на глас, одлуките се на Европската унија, не на САД. Ние ги почитуваме и го поздравуваме нивниот придонес, но не би сакал САД да играат голема улога во процесот, а во крајна линија тоа да доведе до зголемување на улогата на Русија“, рече Јункер.
Тој, исто така, рече дека не ја принудуваат Србија да избира меѓу Русија и ЕУ, истакнувајќи дека Србите треба да имаат нормални односи со Москва и да одржуваат добри односи со Европа. Според зборовите на Јункер, процесот на европска интеграција „не е против никого“.