Варвициотис: Не е лесно да се стави вето за Северна Македонија во ЕУ
Ветото не е нешто што лесно се става во Европа, изјави алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис, на новинарско прашање дали Атина би ја блокирала европската интеграција на Северна Македонија и во кој случај би можела да стави вето.
„Ако нашите односи се влошат, ако не се почитува духот на добрососедски односи, ако постои суштинско прекршување на условите на договорот што го имаме потпишано, ако постои една сериозна промена во врска со функционирањето на владеењето на правото, на демократијата во соседната земја. Не би рекол дека ветото е нешто што лесно го ставаш во Европа. Но, она што може да се направи е секојдневен притисок, бидејќи патот кон Европа на сите останати балкански земји не е лесен тек и преговорите нема да бидат шест месеци или една година. Ќе траат многу години, можеби и деценија за да ја поминат портата на Брисел и да седнат на иста маса во Европскиот совет“, објасни Варвициотис во интервју за грчкиот портал „Грчко време“.