Посебни правила и бесплатно возење со ЈСП на 7-ми мај
За време на посета на Папата Франциско во Скопје на 7 мај, ќе важат посебни сообраќајни правила за движење на автомобили, како и посебни правила за движење на пешаците низ центарот на Скопје, соопшти Владата. Во нивното соопштение е наведено дека сите граѓани кои живеат или работат околу Плоштадот „Македонија“ ќе имаат непречен пристап до своите живеалишта, односно места на работа, преку поминување на еден од одредените влезови. Важно е со себе да носат документ за идентификација.
„ Сите паркинзи на ПОЦ, ЈП Градски Паркинг и АДСПС во Градот Скопје ќе бидат бесплатни на 06.05.2019 после 17 часот, како и на 07.05.2019 во текот на целиот ден. 7-ми мај е работен ден при што за сите државни и приватни капацитети ќе бидат обезбедени потребните услови за работа, Во централното градско подрачје во Скопје, поточно појасот „Голем ринг”, во вторник на 07.05.2019 година, од 06:00 часот до 19:00 часот ќе има забрана и ограничување на сообраќајот и истиот ќе биде пренасочен на сообраќајниците околу центарот во Скопје, со цел непречено одвивање на истиот,“ пишува во соопштението.
Владата апелира до граѓаните на трпеливост и почитување на поставената сообраќајна сигнализација, да го користат јавниот автобуски превоз кој ќе биде бесплатен, како и дограѓаните кои ќе патуваат кон Скопје тој ден, да го користат железничкиот превоз, кој исто така ќе биде бесплатен.