Уругвај се спрема за извоз на медицинска марихуана
Уругвај, првата земја во светот која легализираше рекреативна употреба на марихуана, го планира наредниот чекор – да стане прва во Јужна Америка која извезува марихуана во медицински цели. За извоз е спремна првата берба од оранжериите 120 километри западно од Монтевидео, пишува Еуроактив.
Вработените во американската компанија Фотмер, единствена која има дозвола за извоз, во моментов ги сечат и сушат билките пред да ги испорачаат во Европа, Канада и во Австралија. Меѓу извозниците на медицинска марихуана предничи Велика Британија, која покрива над две третини од глобалниот пазар. Големи играчи во овој бизнис се и Холандија и Австрија, кои држат 16, односно 9 отсто од светскиот пазар.
Во меѓувреме, се повеќе земји вложуваат во производство на медицинска марихуана, која е легална во триесетина земји. Се проценува дека глобалниот пазар на медицинска марихуана во 2025 година би можел да достигне 55,8 милијарди долари. Компанијата Фотмер планира годинава да произведе шест тони медицинска марихуана, а целта им е да стигнат до 400 години годишно. Фирмата има изградено 18 оранжерии на површина од три хектари. Цената на еден грам медицинска марихуана се движи од 3 до 7 долари. Првите испораки ќе идат во Германија.