Шкотска најави нов референдум за независност во 2021 година
Шкотската влада соопшти дека ќе продолжи со легислативата за да дозволи уште еден референдум за независноста на Шкотска од Велика Британија, кој веројатно ќе се одржи кон средината на 2021 година.
Првата министерка Никола Стурџон денеска пред пратениците во Единбург изјави дека се надева законот да биде комплетиран до крајот на годинава. Таа рече дека владата има за цел референдумот да се одржи пред крајот на мандатот на сегашниот парламент, кој истекува во мај 2021 година.
Шкотските гласачи на референдумот во 2014 година гласаа против независност со 55,3 проценти, наспроти оние за, кои беа 44,7 отсто. Сепак, Стурџон во 2016 година рече дека гласањето за излез на Велика Британија од ЕУ „многу веројатно“ ќе доведе до нов референдум за независност на Шкотска. Шкотските гласачи ја поддржаа кампањата за останување во ЕУ на референдумот во 2016. Стурџон рече дека во оваа фаза не е неопходна дозвола за референдумот од британскиот парламент, но оти понатаму ќе треба.
Неизвесноста околу британското излегување од ЕУ сè уште трае. Прво, земјата требаше да ја напушти Унијата на крајот на март, но по двете одложувања, сега Брегзитот е закажан за 11 октомври. Одложувањата беа дел од напорите Британија да не ја напушти Унијата без договор, откако пратениците три пати го отфрлија договорот кој премиерката Тереза Меј го постигна со ЕУ. Шкотска е дел од Обединетото Кралство повеќе од 300 години.