ВМРО-ДПМНЕ со нови приговори за изборите до Антикорупциска
ВМРО-ДПМНЕ со Државната комисија за спречување корупција поднесе нови приговори за кршење и на изборниот законик и на законот за антикорупција и судир на интереси, соопшти денеска на прес-конференција партискиот портпарол Наум Стоилковски.
Првиот приговор се однесува на тоа што, како што велат од партијата, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството за време на кампања соопштила дека се исплатени над 1 милион и 250 илјади евра на над 2.000 лозари. Со тоа, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ направен е класичен случај на поткуп на земјоделци и прекршен е изборниот законик и законот за спречување корупција и судир на интереси .
Поднеле претставка по информациите во медиумите исто за време на кампања за иницијативата на а градоначалникот на Гази Баба обезбедувањето во училиштата да е на трошок на општината наместо на родителите. И ова, велат од партијата е кршење на изборниот закони и на законот за спречување корупција.
Третиот приговор се однесува на тоа што ВД градоначалникот на Ново Село – каде има и вонредни локални избори, дал согласност за вработувања на 10 работници.
И четвртиот приговор се однесува на тоа што Општина Штип ги ангажирала пожарникарите да делат дрва на социјално загрозените лица од градот, среде кампања, рече Стоилковски.
ВМРО-ДПМНЕ очекува од Антикорупциската итно да преземе мерки.