Вучиќ - Протестот на опозицијата е бесмислен
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјавил дека е подготвен за дијалог со опозицијата. Коментирајќи го вчерашниот протест на опозицијата, тој на новинарите им изјави дека од терасата на претседателството ги слушал и дека на митингот немало повеќе од 7.500 лица.
Вучиќ оцени дека вчерашниот собир покажал дека опозицијата може да го помине изборниот цензус и изјави дека спикерот на српскиот парламент Маја Гојковиќ ги поканила на дијалог и дека тоа е место на кое треба да се разговара.
„Што се однесува до нас, ние сме подготвени за дијалог. Маја Гојковиќ ги покани на дијалог на место на кое се води тој, а ако фашистичкиот заменик на фашистичкиот лидер Кипријановиќ не сака со претседателката на Парламентот, толку подобро. Разбудете го (Димитрије) Љотиќ и разговарајте со него“, рече Вучиќ.
Тој порача дека, според законот, не може да се исполнат условите за промена на составот на РЕМ, бидејќи таму не можат да бидат партиски луѓе, како и дека не можат да менуваат кадри во РТС, бидејќи тоа би било директно нарушување на јавниот сервис.
Тој оцени дека протестот на опозицијата е бесмислен, не станало збор за каква било програма и дека цело време го навредувале.
Тој истакна дека не се точни наводите на „Спутник“ оти имало 50.000 граѓани.
„Тоа што го кажа „Спутник“ е непромислена и груба лага“, рече Вучиќ.
Вучиќ на новинарите им рече дека е многу загрижен за сè на Косово, како и за претстојната средба во Берлин.