Широка претседателска дебата до 3 децении наназад
Од транзицијата и протестите против Тетовскиот универзитет во 90-тите, преку режимот на „Фамилијата“ и заробената држава до Договорот од Преспа, договорот со Бугарија за добрососедство и евроатланските аспирации на земјава беа дел од политичките препирки на тројцата претседателски кандидати на втората дебата која се одржа вечерва МТВ. Претседателскиот кандидат поддржан на владината коалиција Стево Пендаровски побара став од неговата соперничка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова за тоа како ќе ја води земјата на патот кон ЕУ и НАТО ако е против договорите со Грција и Бугарија.
„Интересно е тоа што од дебата во дебата, ние не можеме да добиеме став од Силјановска, како ќе влезете во ЕУ ако сте против договорите со Бугарија и Грција. Ако имате експлицитен негативен став, тогаш вие зборувате само празна политичка реторика, рече Пендаровски.
Силјановска со контрареплика посочи дека ќе ги почитува овие договори.
„Тажно е кога не се прави разлика меѓу Гордана како научник и Гордана како политичар. Како научник ќе ги критикувам недостатоците, но како претседател ќе ги почитувам двата договори. Јас нема да замолчам пред кршење на меѓународно право и уставното право, но како претседател јас ќе ги почитувам двата договори. Јас не сум ниту царица ниту кралица за да поништувам договори,јас ќе го почитувам договорот се до моментот додека не дојде до негова измена, одговори Силјановска.
На дебата кандидатите одговараа и за прашањето за реформите во безбедносните структури при што кандидатот поддржан од Беса и Алијансаната на Албанците Блерим Река му забележа на Пендаровски дека предлог законот за безбедност му дава преголема моќ на премиерот Зоран Заев по што следуваше и контрареплика.
„ Законот се уште е во изработка, работните групи се уште работат и тоа што сте го виделе е стара верзија, но и да е така еве јавно кажувам дека јас лично ќе бидам против таква формулација во која надлежностите ќе се стават под капата само на премиерот или ќе се направи концетрација на моќ. Нам не ни треба повторно премоќен премиер па уште и нормативно да му даваме таква шанса да биде,“ одговори Пендаровски.
Инаку Река изрази сомнеж дека во јуни земјава ќе добие позитивен извештај од ЕК и дека ќе ги отпочне преговорите со ЕУ.