Полицијата од мобилна апликација ќе учи како да постапува на изборите
МВР и ОБСЕ денеска, во Центарот за обука на МВР, промовираа мобилна апликација за полициското постапување за време на претстојните претседателски избори. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски појасни дека апликацијата се однесува на постапувањето и овластувањата на полициските службеници за време на изборниот процес, а е изработена во соработка со ОБСЕ.
„Ова се модерни технолошки апликации кои мора да ги следиме заради тоа што напредокот и трендот на иновација следи во континуираната обука на полициските службеници“, рече Спасовски.
Шефот на мисијата на ОБСЕ Клеменс Која на промоцијата истакна дека едукацијата на полицијата вклучувајќи го и учењето преку модерна е-платформа е од клучно значење и треба да овозможи исполнување на потребите на модерната полициска служба.