Заев-Акар: Ги продолжуваме добрите односи меѓу двете земји
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска го прими во посета министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, кој претходно се сретна со заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска. Како што соопштуваат од владината прес служба, Заев ја истакнал добрата соработка со Република Турција, а посебно ја издвоил соработката на планот на одбранбените и безбедносните прашања и политики во заедничкиот пристап во однос на глобалните безбедносни закани.
Министерот Акар на средбата ја нагласил долгата заедничка историја на добри односи меѓу двете земји и изразил честитки за напредокот на нашата земја во евро-атлантските процеси, потенцирајќи дека членството во овие сојузи на Република Северна Македонија е само прашање на време и истакнавајќи дека Турција и натаму останува искрен и силен партнер на земјава.