Ако нема датум за преговори, нема поголема плата за административците
Ако Македонија не испорача резултати за да добие датум за преговори со ЕУ во јуни, а клучен дел за тоа е реформата во јавната администрација, ќе се ревидира и одлуката за покачување на платите во септември, рече денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на буџетот на МИОА за 2019 година, Манчевски потенцира дека вработувањето во администрацијата за висококвалификуваните стручни кадри веќе воопшто не е атрактивно, поради што, тие со нешто мора да се привлечат. Квалитетна администрација, дополни, не е потребна само за спроведување на скрининзите за ЕУ и НАТО, туку и за граѓаните да добиваат квалитетни услуги.
„Платите ќе ги зголемиме, но бараме резултати и тие се видливи, и ќе бидат видливи. Во јуни ќе имаме оценка на Европската комисија дали сме направиле напредок во реформа на администрацијата или не. Следствено на тоа, ќе има награда или други процеси“, истакна Манчевски.
Според него, прерано е да се каже колку од вработените во јавната администрација ќе му бидат понудени на приватниот сектор. Тоа ќе се знае, рече, кон крајот на 2019 година, откако претходно ќе се реорганизираат и оптимизираат институциите.