Димитров: Одобрениот азил за Груевски е парадоксален
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за Независната балканска новинска агенција (ИБНА), коментирајќи го случајот со одобрениот азил за Груевски од Унгарија, вели дека законите и принципите треба да важат подеднакво за сите, а не селективно. Коментира дека е парадоксално, бидејќи во заклучоците од Советот на ЕУ за општи прашања „се бараат одговорности за индикациите за кривични дела кои произлегоа во врска со прислушуваните разговори“.
Во врска со последните случувања во регионот и на релација Србија-Косово, Димиров изразува надеж дека Договорот од Преспа ќе биде извор на инспирација и мотивација за решавање на другите проблеми, како што е дијалогот меѓу Приштина и Белград.
"Се надевам дека она што го направивме со Договорот од Преспа ќе биде извор на инспирација и мотивација и за другите проблеми што треба да се решат, како што е дијалогот меѓу Приштина и Белград. Еден проблем во регионот влијае на сите нас . Во наш интерес е да имаме добри односи со сите земји. Нашиот глас за членство на Косово во Интерпол беше доследен како што гласавме и претходно. Ги следиме нашите партнери од ЕУ и НАТО, ќе направиме се за нашите односи со Белград и Приштина да бидат позитивни", вели Димитров во интервјуто дадено на маргините на четвртиот министерски состанок што изминатите два дена се одржа во Солун,
За следните чекори кон финализирање на Договорот од Преспа, шефот на македонската дипломатија објаснува дека Македонија е цврсто посветена на завршувањето на обврските, а двете земји се многу блиску до затворање на 27-годишниот спор.
" Мислам дека сме многу блиску до затворање на еден толку важен проблем кој беше отворен 27 години и да изградиме мост на блискост меѓу двете нации. Светот е полн со неизвесности, ЕУ е зафатена со сопствените проблеми, време е ние да преземеме одговорност за нашата судбина и иднина", вели министерот за надворешни работи, Никола Димитров.