Унгарската опозиција против специјалниот третман на Груевски
Опозицијата во Националниот парламент Унгарија ја доведе во прашање политиката на азил на власта поради аферата со бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој се бара со меѓународна потерница заради издржување на двегодишната затворска казна. Адам Миркошки од опозициското движење за подобра Унгарија – Јобик, кое е втора политичка сила во Парламентот, праша каква улога имале унгарските власти во однос на преминувањето на границите, како и кое министерство, кој и по чија наредба било постапувано во случајот со Груевски.
Државниот секретар во канцеларијата на премиерот Виктор Орбан, Балаж Орбан, пак, одговори дека поранешниот македонски премиер Груевски поднел барање за азил, без да наведе во која земја го доставил барањето и дека унгарските власти не биле инволвирани во неговото бегство од Македонија, а барањето било прифатено за разгледување од „безбедносни причини“.
Унгарски „Индекс“ пишува дека пратеникот Арато Гергели од Демократската коалиција прашал дали е вистина дека Груевски е сместен во некој од имотите на премиерот Орбан. На ова Шаба Домотор од канцеларијата на премиерот Орбан одговорил дека „Груевски легално престојува во Унгарија“.
Од ЛМП – партијата, пак, иницирале формирање на парламентарна комисија за да ја истражи аферата со Груевски.