Камбоџа не сака странски воени бази на своја територија
Камбоџа нема да одобри изградба на странски воени бази на своја територија, рече денеска премиерот Хун Сен, реагирајќи на американската загриженост поради можното воспоставување кинеска поморска база во Камбоџа.
„Уставот на Камбоџа забранува присуство на странски сили или странски воени бази на нејзина територија. Камбоџа нема потреба некоја земја да војува на нејзина територија. Не ми треба странци да се борат на кмерска земја како што правеа во минатото“, изјави Хан Сун, алудирајќи на американското бомбардирање на земјата меѓу 1969 и 1973 година за време на војната во Виетнам.
Според информациите од медиуми, Пекинг врши притисок врз владата во Пном Пен да им дозволи да изградат пристаниште, кое би можело да служи и како поморска база, во Кох Конг на југозападот на земјата. Тоа место е во Тајландскиот Залив од каде лесно може да се излезе во Јужното Кинеско Море.
САД се загрижени дека евентуална кинеска база во Кох Конг дополнително би ја нарушила рамнотежата во регионот.
Пекинг е најважниот регионален сојузник на камбоџанската влада.